ЗА ПОСТОТ

Постот е востановен од Бога со заповедта дадена на првите луѓе во земниот рај - да не јадат од дрвото за познавање на доброто и злото (1. Мој. 2,17). Преку неа Бог сакал уште на самиот почеток да ги научи луѓето на послушност и воздржување.
“Постот е оружје во духовната борба против поднебесните сили” (лукавиот и неговите црни ангели) (Матеј 17, 21; Ефес. 6,12), неопходно средство за стремеж на човекот кон духовно совршенство, надежна сила за давање отпор во духовната немоќ и благодатна ризница за постигнување на крајната и врвна цел на христијанскиот живот - светост и спасение во Господа.

Самиот Господ Исус Христос се подготвил за сеопшто служење и за искупителниот подвиг преку 40-дневен пост (Матеј 4, 2). Во проповедта на планината Он ги учел своите последователи каков треба да биде вистинскиот пост:
“Кога постите, не бидете жалосни како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата мрачни, за да се покажат пред луѓето дека постат. Вистина ви велам, оти тие ја добиле веќе својата награда. А ти, кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое, па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, Кој е во тајност; и твојот Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно”. (Матеј 6,16-18)

Оние кои поверувале во Христа започнале да постат уште во времето на апостолите. Првите христијани постеле строго, често и продолжително, за да се подготват подобро за богоугодни подвизи. Во првите векови христијаните постеле не во определено време, туку кога сакале и колку сакале.

Суштината на христијанскиот пост не е умртвување на телото, како што погрешно се мисли, туку умртвување на гревот во нас, зашто гревот предизвикува пропаѓање и смрт. Закрепнувајќи ја волјата, постот му дава можност на духот да владее со телото.


 

Elena
Вознесение Христово, Перивлептос, Охрид

ПРАВИЛА НА ПРАВОСЛАВНАТА ЦРКВА ЗА ПОСТОТ
Светата Православна Црква уште од апостолските времиња, по примерот на Господ Исус Христос, го востановила постот, го определила времето на постот и која храна да ја јадат христијаните за време на постот.
Пред се, Православната Црква утврила и пропишала за време на постот да не се јаде: месо, маст, сирење, масло, јајца, млеко, а понекогаш и риба, според важноста на постот.

Во поглед на времето и бројот на постите, светата Црква утврдила да се пости во среда, петок и во четирите годишни пости: Велигденскиот (Големиот) или Четириесетницата, Петровденскиот, Богородичниот и Божикниот пост. Овие пости се востановени уште од апостолските времиња. Во 69-тото апостолско правило се пропишува следното: “Ако некој епископ, свештеник или ѓакон, или ипоѓакон, или чтец, или псалт, не пости во светата Четириесетница пред Пасха или во среда или петок, освен ако не е спречен од телесна немоќ, нека биде расчинет, а ако е мирјанин (граѓанско лице) да се отстрани од Црквата”.
“Од постот исклучи ги најнапред болните, оти ако им се допушта риба и масло, го заслужиле тоа”.

8-мо и 10-то правило зборува вака:
“На жена која ќе роди пред Пасха, треба да и се допушти масло и вино” (8-мо правило). На прашањето: “Ако некој болен сосема падне во немоќ, а се приближува денот на Воскресението, дали мора да пости, или свештеникот, поради болеста, дали ќе му допушти да јаде масло и вино колку што може?”, следува одговорот: “Треба да му се допушти на болниот да употребува масло и вино колку што може да поднесе, оти кој сосема изнемоштел, правилно е да употребува масло”

 



Elena
Пронаоѓање и потврдување на Светиот крст



ВЕЛИГДЕНСКИ ПОСТ

Светата Четириесетница е востановена во чест на страдањата и Воскресението на Господа Исуса Христа. Според Типикот на Православната Црква се пости вака: за цело време на постот во сабота и недела е дозволена употреба на масло. Риба се употребува само на Благовештение и Врбица (Цветници). Ако Благовештение падне пред Врбица (Цветници), тогаш на денот пред Благовештение се разрешува на масло и вино.



ПЕТРОВДЕНСКИ И БОЖИКЕН ПОСТ

Овие пости се востановени во чест на светите Господови апостоли и во чест на раѓањето на Господа Исуса Христа. Тие се постат вака: во понеделник, среда и петок не се јаде масло и вино; во четрток и вторник се дозволува масло и вино, а во сабота и недела масло и риба. Ако падне празник во понеделник, вторник и четврток, се дозволува масло и риба. Ако падне празник на помал светител во среда и петок се дозволува асло и вино. Ако е голем празник во среда и петок се допушта, поќрај масло, и риба. Ако падне ден на црковна слава во среда и петок, се дозволува масло и риба.



БОГОРОДИЧЕН ПОСТ

Овој пост е востановен во чест на Христовото Преображение и Успението на Пресвета Богородица и се пости на следниов - начин: во понеделник, вторник, среда, четврток и петок не се јаде масло. Масло се употребува само во сабота и недела. Риба се разрешува само на Преображение.

 



РАЗРЕШУВАЊЕ ОД ПОСТ
разрешено на: разрешено на:
вино и масло вино, риба и масло
Појаснување:
Под “масло” се подразбира масло од растително потекло, кај народот познато уште како “зејтин”, а во некои краишта и како “олио”, “оливо” и слично.

 

Оние кои сакаат да постат нека внимаваат да не се натоварат со поголемо бреме од она што Црквата го наредила, оти, ако паднат, нема кој да ги поткрене. Оние кои никако не постат, нека почнат да постат, ако мислат да се спасат и душата да им влезе во Царството небесно. Но, тие не можат веднаш да го земат целото правило, туку најнапред нека постат во среда и петок во првата и последната недела од постот, а потоа, со текот на времето, ќе се трудат, а Господ ќе им помогне да го примат целосното правило, па така по некое време и тие ќе постат уредно.

Во тој духовен напор лошите духови ќе станат силни и ќе те советуваат во разумот или преку ближните, сакајќи да ти наштетат, велејќи ти: “Сакаш да ослабиш, не можеш да издржиш, болен ти е стомакот, лекарот ти препорача добра храна”, а се со цел да ти ја убијат желбата. Но, ти, малку по малку, со молитва ќе го отстраниш лошиот дух и постот ќе ти стане лесен. Освен тоа, почетникот, најнапред, може да остави во посните дни да не јаде месо и маст, а да јаде сирење и јајца, па со текот на времето ќе мине на целосен пост.

 

 
КОГА СЕ ПОСТИ

Православната Црква има еднодневни и повеќедневни пости.
Во Календарот овие денови се означени со ...

Еднодневни пости:
Среда и петок (освен т.н. редовни седмици)

  • Водокрст (спроти Богојавление) ~ 18 јануари
  • Отсекување на Главата на Св. Јован Крстител ~ 11 септември
  • Крстовден ~ 27 септември

Повеќедневни пости:

  • Велигденски пости (од 15.02 до 03.04)
  • Петровденски пости (од 31.05. до 11.07.)
  • Богородични пости (од 14.08. до 27.08.)
  • Божиќни пости (од 28.11. до 06.01.)

Редовни седмици:
Во среда и петок се блажи во следниве седмици:

  • Од Божиќ до Водокрст ~ од 07.01 до 17.01
  • Седмицата на митарот и фарисејот ~ од 24.01 до 31.01
  • Месопусната седмица ~ од 07.02 до 28.02
  • Светлата седмица ~ од 04.04 до 11.04
  • Духовденската седмица ~ од 24.05 до 30.05

icon